Регулатива во е-трговија
Преку овој модул ќе може да ја запознаете потребната регулатива која е клучен дел за успешно управување со бизнис во областа на е-трговија.
Заштита на правата на потрошувачите
-
Вовед
-
Задолжителни
информации -
Рокови
за испорака -
повлекување
на нарачка -
права
на онлајн купувачи -
Надзор
на е-трговците
За правилен избор при купувањето преку интернет, важно е потрошувачот навремено и веродостојно да биде известен за своите права. Информирањето на потрошувачите води кон поголема доверба во електронското купување, каде договорот се склучува меѓу трговецот и потрошувачот во рамките на организирана шема за продажба или давање услуги на далечина.
Кои информации мора да бидат наведени од страна на е-трговецот?
- Трговецот е должен да ги наведе цените на производите и услугите и информации дали во нив се вклучени трошоците на испорака, даноците и манипулативните трошоци кои имаат влијание на наведената цена.
Дополнително:
- За прехрамбени производи, сите задолжителни информации и информацијата за датумот на минималната трајност или „употребливо до“, треба да се наоѓаат на материјалот кој ја придружува продажбата на далечина. Сите задолжителни информации поврзани со храната треба да се доставени и при испораката на производот.
- За прехранбени производи кои не се претходно спакувани, задолжителните информации треба да се достапни на потрошувачот пред да се склучи договорот и да се наоѓаат на материјалот кој ја придружува продажбата на далечина.
Информации за дополнителни трошоци
- Кога трговецот користи телефонска линија, потрошувачот не е обврзан да плати повеќе од основната цена за да контактира со трговецот.
- Пред потрошувачот да биде обврзан со договорот или понудата, трговецот треба да бара јасна согласност од страна на потрошувачот за какво било дополнително плаќање кон трговецот.
Во кој рок треба да биде испорачан претходно нарачан производ?
Трговецот треба да ја испорача стоката со пренесување на сопственоста или контрола на стоките на потрошувачот, не подоцна од 30 дена од денот на склучувањето на договорот, доколку страните не се договориле поинаку во однос на времето на испорака.
Што доколку не се испорача навремено производот?
- Кога трговецот не ја исполнува обврската да ги достави стоките во рокот договорен со потрошувачот, потрошувачот може да бара од него испораката да биде извршена во рок од 15 дена, во согласност со околностите. Ако трговецот не ги испорача стоките во рок од 15 дена, потрошувачот има право да го раскине договорот.
- Доколку потрошувачот го известил трговецот пред склучувањето на договорот дека испораката треба да биде направена на одреден датум или најдоцна до одреден датум кој е договорен со потрошувачот, а трговецот одбива да ги испорача стоките во договорениот рок со потрошувачот или во рокот од законски 30 дена, потрошувачот има право веднаш да го раскине договорот.
- При раскинување на договорот трговецот е должен да ги врати сите износи на платени средства од страна на потрошувачот, согласно со договорот.
- Доколку потрошувачот има проблем неопходно е најпрвин да го извести трговецот на неговата електронска пошта, со образложение дека договорот го раскинува заради доцнење на рокот на испорака согласно договорот.
- Во известувањето на трговецот, треба да се наведе бројот на нарачката или друг податок кој го добил при нарачката, опис на производите, како и бројот на сметката на која сака да му се врати износот, со цел да се олесни и забрза процедурата за поврат.
- Доколку трговецот не го врати износот во предвидениот рок, односно потрошувачот не може да стапи во контакт со него, за сето тоа треба да го извести надлежниот инспекциски орган.
Дали купувачот има право на повлекувањето од договор на далечина?
Потрошувачот има право да се повлече од договорот на далечина со пополнување на Образец или изјава кој може да го најдете во делот на „Документи и ресурси“ од овој модул
Кои се роковите за информирање во однос на правото на повлекување (рефундација)?
Обврската за информирање во однос на правото за повлекување (рефундација) истекува по 14 дена во случај на:
- Договори за услуги, од денот на склучувањето на договорот;
- Договори за продажба, од денот на кој потрошувачот физички ја стекнува стоката
- Испорака на стока составена од повеќе пратки или парчиња, од денот на кој потрошувачот или трето лице, физички ја стекнува последната пратка или парче;
- Договори за редовна испорака на стоки во текот на одреден временски период, од денот на кој потрошувачот или трето лице, физички ја стекнува првата стока.
Доколку трговецот пропушти или не му ги обезбеди на потрошувачот информациите во однос на правото на повлекување од договорот, рокот за повлекување истекува 12 месеци по завршувањето на почетниот рок за повлекување.
Доколку трговецот му ги обезбеди на потрошувачот информациите во рок од 12 месеци, рокот за повлекување истекува 14 дена по денот на кој потрошувачот ги добива информациите.
Пред истекот на рокот за повлекување, потрошувачот го информира трговецот за својата одлука за повлекување од договорот и за тоа може да го информира преку:
- пополнување на образецот за повлекување или
- поднесување на каква било друга недвосмислена изјава за одлуката за повлекување.
Кога се предвидени исклучоци од правото на повлекување (рефундација)?
Правото на повлекување кај договорите на далечина не се применува кај овие исклучоци:
- услуги, по целосното извршување на услугата, доколку извршувањето е започнато со јасна согласност на потрошувачот
- стоки или услуги чија цена зависи од флуктуациите на финансискиот пазар
- стоки произведени според спецификациите на потрошувачот;
- лесно расипливи стоки или со краток рок на траење;
- стоки кои не се погодни за да бидат вратени кога се отворени по испораката, поради хигиенски причини или заштитата на здравјето;
- стоки кои по испораката, се нераскинливо измешани со другите стоки;
- алкохолни пијалаци, чија цена е договорена во моментот на склучување на договорот за продажба, а чија испорака може да се случи по 30 дена и чија вистинска вредност зависи од флуктуациите на пазарот кои не може да се контролираат од страна на трговецот;
- оригинално спакувани аудио и видео снимки или компјутерски софтвер кои се отворени по испораката;
- весници, месечни списанија или магазини со исклучок на претплатнички договори за набавка на такви публикации;
- договори склучени на јавно наддавање;
- сместување, транспортот на стоки, услуги за изнајмување автомобили, угостителски услуги или услуги во врска со активностите во слободно време кога договорот предвидува одреден датум или рок за извршување
- дигитална содржина, доколку извршувањето е започнато со јасна согласност на потрошувачот.
Кој ги сноси трошоците за враќање на производот?
- Трговецот ги надоместува сите плаќања примени од страна на потрошувачот, а во секој случај во рок од 14 дена од денот кога е известен за одлуката на потрошувачот да се повлече од договорот.
- Трговецот го врши враќањето на парите користејќи го истото средство за плаќање кое го користи потрошувачот за првична трансакција, освен ако потрошувачот јасно договорил поинаку и под услов да не сноси никаков трошок како резултат на враќањето на парите.
- Потрошувачот сноси само директен трошок за враќање на производот, освен ако трговецот се согласил сам да го сноси или не го известил потрошувачот дека тој трошок е на товар на потрошувачот.
Кои се правата на онлајн купувачите?
Онлајн купувачите имаат право на информираност, при што е-трговецот мора да му ги обезбеди на потрошувачот следниве информации:
- Јасно да ги прикаже карактеристики на производот или услугата;
- Да го објави трговското име на трговецот;
- На видно место да биде објавена адреса, телефонски број и email,
- Да ја прикаже вкупната цена на стоките или услугите, вклучувајќи ги даноците, сите трошоци за транспорт, испорака или поштенски трошоци, како и сите други трошоци
- Да го информира за начините на плаќање и испорака, како и датумот до кој трговецот се обврзува да ги испорача стоките или да ја обезбеди услугата
- Да го информира за условите, роковите и постапките за право на повлекување или околностите под кои потрошувачот го губи правото на повлекување;
- ако не е предвидено право на повлекување (рефундација), да го информира дека потрошувачот нема право на повлекување;
- Да го информира со условите за постпродажни услуги и трговски гаранции и постоење на релевантни кодекси на однесување;
- Доколку е применливо, да ја објави постапката која трговецот ја применува за решавање на жалбите;
Кои се постапките кои треба да се преземат за да не бидете измамени при купување на интернет?
- Проверете го протоколот, односно дали е-продавницата започнува со „https://“, не само „http://“ – буквата „S“ (на латиница) и икона во форма на зелен катанец на левата страна покрај името на веб-адресата означуваат сигурност
- Редовно вршете обновување на софтверот и вклучете автоматски обновувања на вашиот оперативен систем и софтвер
- Инсталирајте ги и обновете ги заштитните ѕидови (firewalls), антивирусот и софтверот против шпионирање
Што треба да направите во случај да бидете измамени при купување преку интернет?
Контактирајте со Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ)
Линк за контакт: https://mantikor.mk/opm_temp/index-public.php или преку емаил: sovetuvanja@opm.org.mk.
Доколку сте измамени или незадоволни од:
- Непрехрамбени производи купени онлајн, туристички патувања и други туристичките услуги, или од цените и начинот на истакнување на цените (кога се работи и за прехрамбени производи во ваков случај) треба да пријавите во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).Линк за контакт: https://www.dpi.gov.mk/index.php/mk/contact.
- Прехрамбени производи кои сте ги купиле онлајн пријавете до Агенцијата за храна и ветеринарство,Линк за контакт: http://fva.gov.mk/mk/oddelenie-zastita-potrosuvaci или на бесплатната телефонска линија 0800 3 2222* Потребно е да оставите податоци (име и презиме, адреса и телефонски број за контакт) со точен опис на проблемот.
- За детски играчки или козметички средства, козметички производи за кои сметате дека сте оштетени или измамни при онлајн купувањето, вашиот проблем треба да го пријавите во Државниот санитарен и здравствен инспекторатЛинк за контакт: http://dszi.gov.mk/kontakt/*Пријавите се доставуваат на телефонските броеви, дадени на линкот
Надлежен орган за постапување при секоја измама при интернет купување и нелегална продажба од страна на лажни трговци и онлајн станици е и Министерството за внатрешни работи, Сектор за компјутерски криминал.
Во случај доколку забележите дека од вашата трансакциска сметка се повлечени повеќе средства од колку вредноста на производот, веднаш контактирајте ја вашата банка за блокирање на картичката и промена на пинот.
Кој врши надзор над работата на е-трговците?
Надзор над спровeдувањето на Законот за е-трговија вршат Министерството за економија и Агенцијата за електронски комуникации.
Исто така, надзорот над работата на е-трговците го вршат и следните институции:
- Државен пазарен инспекторат
- Државен санитарен и здравствен инспекторат
- Агенција за храна и ветринарство
- Агенција за заштита на лични податоци
- Агенција за електронски комуникации,
- Министерство за информатичко општество и администрација
- Министертсво за здравство
- Министерството за внатрешни работи
- Други институции и организации кои имаат со закон овластувања за заштита на потрошувачите
Заради спроведување на инспекцискиот надзор, давателите на услуги на информатичкото општество се должни на инспекторите да им овозможат пристап до електронската опрема и уреди и без одложување да достават потребни податоци и документација во врска со предметот на инспекцискиот надзор.