Правилник за беџ за ВЕРИФИКУВАН Е-ТРГОВЕЦ

Последно ажурирано 01.01.2022

Овој Правилник за Беџ за верификуван е-трговец ги содржи условите за стекнување и користење на беџот за верификуван е-трговец. Со аплицирањето за стекнување на беџот за верификуван е-трговец вие давате изречна согласност дека сте ги прочитале и се согласувате со условите наведени во овој Правилник (наведени подолу). Исто така се согласувате дека повремено ќе го посетувате овој Правилник објавен на линкот https://v1.ecommerce4all.mk/pravilnik-badge за да сте во тек доколку истиот претпри промени.   

АКО НЕ СЕ СОГЛАСУВАТЕ СО БИЛО КОЈ ДЕЛ ОД СОДРЖИНАТА НА ОВОЈ ПРАВИЛНИК ВЕ МОЛИМЕ НЕ ПОДНЕСУВАЈТЕ АПЛИКАЦИЈА ЗА СТЕКНУВАЊЕ СО БЕЏ ЗА ВЕРИФИКУВАН Е-ТРГОВЕЦ.

Правилникот за беџ за верификуван е-трговец е организиран на следниот начин:

  1. Опис и значење на беџот за верификација
  2. Бенефити од користење на беџ за верификуван е-трговец
  3. Постапка за добивање на беџ за верификуван е-трговец
  4. Годишен надомест (цена на чинење) на беџ за верификуван е-трговец
  5. Права и обврски на АЕТМ
  6. Права и обврски на верификуваниот е-трговец

1. ОПИС И ЗНАЧЕЊЕ НА БЕЏОТ ЗА ВЕРИФИКАЦИЈА

Потребата за зголемување на довербата во онлајн продавниците од една страна, но и потребата за зголемување на свеста кај купувачите и правење разлика помеѓу регистрирани е-трговци и нерегистрирани субјекти кои учествуваат во онлајн продажбата (како дел од сивата економија) и претставуваат нелојална конкуренција за регистрираните е-продавници, станува се поголема во време кога е-трговијата е во подем и  луѓето сѐ повеќе се охрабруваат да купуваат онлајн.

Со цел да се доближат до граѓаните онлајн продавниците кои ги исполнуваат неопходните регулативи и правила за работење во е-трговијата и да се мотивираат постоечките е-трговци да ги имплементираат во своето работење, AETM воведува „Беџ за верификуван е-трговец”, кој ќе овозможи јасна дистинкција на онлајн продавниците кои се регистрирани субјекти и ги исполнуваат основните законски услови по сознанија на АЕТМ и согласно правилата предвидени со овој Правилник од останатите онлајн продавници кои не ги исполнуваат основните законски услови или пак воопшто не се регистрирани и се дел од сивата економија.

Беџот е визуелна ознака која ќе биде поставена на веб страниците на домашните е-продавници, која ќе им помогне на купувачите полесно да проценат дека станува збор за регистриран правен субјект кој во периодот на проверка пред издавање на беџот за верификација ги исполнува основните законски услови за обавување на дејноста е-трговија согласно правилата предвидени со овој Правилник.

Беџот ќе биде поставен само кај е-трговците кои самостојно ќе аплицираат за ваков беџ за верификација, а во исто време ги поминале соодветните проверки од АЕТМ за неопходни регулативи и обврски за работењето во е-трговијата.


2. БЕНЕФИТИ ОД КОРИСТЕЊЕ НА БЕЏ ЗА ВЕРИФИКУВАН Е-ТРГОВЕЦ

Бенефити за е-трговците:

  1. Вашата е-продавница е дел од листата на верификувани е-трговци од АЕТМ
  2. Зголемување на посетите на Вашата веб продавница преку промотивните активности на АЕТМ за листата на верификувани е-трговци 
  3. Зголемена доверба кај постојните и нови купувачи 
  4. Зголемена препознатливост и доверба во Вашата продавница

Бенефити за купувачите:

  1. Зголемена доверба при купување од верифициран е-трговец
  2. Сигурност дека е-трговецот е регистриран правен субјект
  3. Сигурност дека е-трговецот има политика за враќање на производите и купувачот има заштита согласно Законот за заштита на потрошувачи

Беџот за верификуван е-трговец не гарантира квалитет на утврдена политика за враќање на производите, ниту следење на субјектите во прометот при реализација на нивните обврски и остварување на права, како и потребата да се следат измените на правните прописи и усогласувањето со истите.

Беџот за верификуван е-трговец гарантира дека се работи за регистрирано правно лице согласно законските прописи на РСМ.


3. ПОСТАПКА ЗА ДОБИВАЊЕ НА БЕЏ ЗА ВЕРИФИКУВАН Е-ТРГОВЕЦ

Беџот за верификуван е-трговец е наменет за е-трговци, односно сите компании (правни лица) кои се бават со онлјан продажба и наплата на производи и услуги. За да се стекне со Беџот за верификуван е-трговец правниот субјект потребно е да поднесе апликација односно барање до Асоцијацијата за е-трговија преку објавениот формулар за апликација на страната https://v1.ecommerce4all.mk/badge/ 

Постапката за добивање на беџ за верификуван е-трговец започнува со поднесување на барање до АЕТМ.

По поднесеното барање се спроведува постапка на проверка од страна на АЕТМ согласно правилата предвидени со овој Правилник.

Постапката на проверка: секој е-трговец треба да пополни краток онлајн прашалник во кој одговара дали ги исполнува основните законски услови за работење во е-трговија. Одговорите од прашалникот кога ќе бидат доставени до АЕТМ се прави проверка на веб страницата на е-трговецот со цел утврдување дали одговорите од прашалникот соодвестуваат со јавно објавените податоци.

Доколку е-трговецот е регистриран правен субјект и ги задоволува основните законски услови е-трговецот ќе може да се стекне со беџ за верификација и ќе му биде испратен беџот за поставување на неговата веб продавница.

Во спротивно, до е-трговецот ќе се испратат корективни насоки кои доколку ги исполни во рок од еден месец, ќе може да се стекне со беџот.

Доколку е-трговецот не постапи во определениот рок, барањето ќе биде одбиено. 

Пред истекот на рокот, е-трговецот има право да бара продолжување на рокот од оправдани причини.

Одбиениот е-трговец има право да поднесе ново барање.

АЕТМ прави формална проверка на веб страницата, односно дали е-трговецот ги поседува потребните основни законски услови за обавување на дејноста, без да го цени квалитетот односно дали содржината на истите е соодветна, ги задоволува сите пропишани норми и се почитува од страна на е-трговецот кон крајните корисници.

Е-трговецот кој поднел барање односно аплицирал за беџ, потребно е да  одговари на прашалникот кој е составен од 3 дела:

  1. Регулатива и општи информации
  2. Е-плаќање
  3. Достава

*Делот за достава важи само за компаниите што продаваат физички производи и вршат достава.

Е-трговецот за да се здобие со беџ потребно е да ги има исполнето основните законски услови и да е регистриран правен субјект.  Само во овој случај е-трговецот ќе може да се стекне со беџ за верификација и ќе му биде испратен беџот за поставување на неговата веб продавница.


Задолжителни услови што треба да бидат исполнети од страна на е-трговецот:

ДЕЛ 1: РЕГУЛАТИВА И ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ

  1. Да има поставено контакт информации, правен субјект, односно седиште / адреса / email односно електронска адреса на веб страницата на вашата е-продавница
  1. Да има поставен единствениот даночен број на компанијата доколку е-трговецот е ДДВ обврзник
  1. Да има поставено Политика за приватност и заштита на лични податоци достапна за информирање на корисниците
  1. Да има поставено поставени Услови за користење

ДЕЛ 2: Е-ПЛАЌАЊЕ

  1. Да прифаќа плаќање со платежна картичка
  1. Да се истакнати цените на производите /услугите кои се нудат (со вклучени даноци или други трошоци)
  1. Купувачот да добива потврда на неговата email адреса за направена онлајн нарачка

ДЕЛ 3: ДОСТАВА

  1. Да има објавено Политика за враќање на производите
  1. Да се објавени сите трошоци на кои подлежи купувачот, вклучувајќи ги трошоците за доставата на производите
  1. Да е објавен рокот на испораката на производите
  1. Да се објавени начините за подигнување / достава на производите


Незадолжителни / дополнителни услови 

Иако согласно сегашните законски решенија овие услови не се задолжителни, АЕТМ препорачува нивно воспоставување во правец на зголемување на довербата на корисниците и со овој Правилник предвидува дека во исполнувањето на овие услови ќе делува советодавно.

ДЕЛ 1: РЕГУЛАТИВА И ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ

  1. Да има поставено Политика или известување за користење на колачиња (cookies)

(Колачињата се мали текстуални датотеки кои се запишуваат при посета на некоја веб страна. Колачињата чуваат информации за поставки во веб прелистувачот, како на пример: јазик, големина на фонт итн.)

  1. Во делот за регистрација на корисниците (или при наплата) ги има јасно поставено одделните Политики (без однапред штиклирани checkbox) со кои купувачот треба да се согласи
  1. Да има SSL сертификат (https) во URL-то на вашата веб продавница  т.е. во веб адресата на веб продавницата

ДЕЛ 2: Е-ПЛАЌАЊЕ

  1. Да се истакнати картичните организации со кои може да се врши е-плаќање
  1. Потврдата за прием на нарачка ги содржи сите следни информации: Број на нарачка, Датум, Информации за продавачот (назив, адреса, контакт), Назив на купениот производ/услуга, Наплатената цена.

ДЕЛ 3: ДОСТАВА

  1. Купувачите да имаат можност  да направат лесно корекција на податоците за испорака

4. ГОДИШЕН НАДОМЕСТ (ЦЕНА НА ЧИНЕЊЕ) НА БЕЏОТ ЗА ВЕРИФИКУВАН Е-ТРГОВЕЦ

Надоместот за верификуван е-трговец е дефиниран на годишна основна, односно по известување од АЕТМ дека условите се исполнети, е-трговецот добива фактура за уплата за годишниот надомест. 

Вопспоставувањето на овој беџ е дел од иницијативата “Е-трговија за сите”, која се реализираше со поддршка на Проектот за развој на деловниот екосистем на УСАИД. 

Почнувајќи од 01.01.2022 година годишниот надоместок за стекнување и обнова на Беџ за верификуван е-трговец, изнесува:

ЗА ПРАВНО ЛИЦЕ ЧЛЕН НА АЕТМ
– Обновување/продолжување на важноста на беџ за верификуван е-трговец: Без надомест
– Стекнување со Беџ за верификуван е-трговец (при поднесување апликација за прв пат): 50 евра

ЗА ПРАВНО ЛИЦЕ КОЕ НЕ Е ЧЛЕН НА АЕТМ
– Обновување/продолжување на важноста на беџ за верификуван е-трговец: 100 евра
– Стекнување со Беџ за верификуван е-трговец (при поднесување апликација за прв пат): 150 евра

Прикажаните цени во евра се пресметуваат во денарска противредност по среден курс од НБРСМ + 18% ДДВ на денот на издавање на фактурата.  

АЕТМ го задржува правото да ја ревидира/менува цената за беџот на годишно ниво, со што за таквата одлука ќе го извести верификуваниот е-трговец 30 дена пред да му издаде фактурата за беџот за следните 12 месеци. По ова, верификуваниот е-трговец има право во рок од 15 денови да се изјасни дали продолжува со користење на беџот за верификуван е-трговец или не. Доколку е-трговецот не се изјасни, новата цена на беџот ќе се смета за прифатена и АЕТМ ќе издаде фактура за користење на беџ за верификуван е-трговец за следните 12 месеци.


5. ПРАВА И ОБВРСКИ НА АЕТМ

АЕТМ има обврска по направена проверка, доколку се исполнети условите од овој правилник да достави до е-трговецот беџ за верификуван е-трговец, заедно со упатство за негово поставување.

АЕТМ има обврска да го додаде е-трговецот во листа на верификувани е-трговци во склоп на https://v1.ecommerce4all.mk веб платформата 

АЕТМ има право по случаен избор да прави периодични проверки на веб страните на е-трговците кои се стекнале со беџот и исполнетоста на условите. 

АЕТМ има право да испрати забелешки до е-трговецот за да се направат потребни корекции доколку установи дека е-трговецот не ги исполнува правилата согласно правилникот за беџ за верификуван е-трговец и да побара корекции по истите.

АЕТМ има право да го одземе беџот доколку е-трговецот не постапи по побараните корекции во рок од 15 денови. При ваков случај е-трговецот кој го уплатил годишниот надомест нема право на поврат на дел од уплатените средства бидејќи цената на чинење е утврдена на годишна основа, а одземањето на беџот при ваков случај е по вина на е-трговецот.  


6. ПРАВА И ОБВРСКИ НА ВЕРИФИКУВАНИОТ Е-ТРГОВЕЦ

Е-трговецот има право да го промовира беџот пред своите потрошувачи, со цел зголемување на довербата во неговиот бренд.

Е-трговец се согласува да се придржува до условите и да ги исполнува критериумите за стекнување со беџ за верификуван е-трговец согласно овој правилник.

Е-трговецот има обврска редовно да врши навремена уплата на годишниот надомест за беџот по издадена фактура од АЕТМ, доколку истиот навремено (во рок од 30 дена пред истекот на времетаењето на 12 месеци за кои е-трговецот уплатил годишен надомест) не се откажал од беџот за верификуван е-трговец.

Да постапува по барани корекции од страна на АЕТМ доколку по периодична проверка на АЕТМ се установи дека некои од правилата дефинирани во правилникот за беџ не се почитуваат.

Е-трговецот кој нема да направи корекции по дадените укажувања од АЕТМ и ќе биде информиран од страна на АЕТМ за одземањето на беџот има обврска веднаш да го отстрани беџот од својата веб страна и сите места каде што го имал аплицирано и да се придржува до насоките дадени од АЕТМ.

Е-трговецот има обврска редовно да се информира со правата и обврските кои произлегуваат со поставувањето на беџот за верификуван е-трговец, а се наведени во овој правилник.

Е-трговецот има право да престане да го користи беџот за верификуван е-трговец без да бара поврат на веќе уплатените средства за користење на беџот и истиот е должен за оваа постапка да ја извести АЕТМ на info@ecommerce.mk во рок од 15 денови од престанокот на користење на беџот.