Регулатива во е-трговија

Преку овој модул ќе може да ја запознаете потребната регулатива која е клучен дел за успешно управување со бизнис во областа на е-трговија.

Постапка за увоз и постапка за извоз на пратки

Што претставува МЕСТО НА ЦАРИНЕЊЕ?

Царинење на поштенските пратки се врши во царинска испостава Пошта или царинска испостава Аеродром Скопје за стока што пристига со авионски транспорт.

СТОКА ПРИСТИГНАТА СО КУРИРСКИ СЛУЖБИ

Компаниите кои вршат брза достава поднесуваат електронска декларација во име на примачот на стоката, почитувајќи ги при тоа царинските и даночните ослободувања.

ПОДНЕСУВАЊЕ НА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА СТОКА ПРИСТИГНАТА ВО ПОШТЕНСКИ ПРОМЕТ

За пресметка на увозни давачки за стока чија вредност не надминува износ од 800 евра во денарска противвредност и нето маса до 1000 килограми се поднесува усна царинска декларација.
Електронска декларација се поднесува за сите пратки кои содржат стока од комерцијална природа и чија вредност надминува 800 евра во денарска противвредност и тоа: за стока од комерцијална природа која е дел од редовна низа слични пратки, за стока која е предмет на ограничувања, забрани или други формалности при увоз.

КОЛКАВ Е ИЗНОСОТ НА УВОЗНИ ДАВАЧКИ КОИ СЕ ПЛАЌААТ ПРИ ЦАРИНЕЊЕ?

За стока која подлежи на постапка на увозно царинење, царинскиот долг го сочинуваат царина, акциза ако се работи за акцизна стока, како и данок на додадена вредност и други пропишани давачки. На утврдена царинска вредност се пресеметува царина по стапка пропишана со Законот за царинска тарифа и зависи во кој тарифен број се распоредува.

Доколку стоката подлежи на пресметка на посебна давачка или акциза, се пресметуваат согласно законот за предметната давачка или согласно Законот за акцизи. Исто така на царинска вредност зголемена за износ на царина, посебната давачка или акциза се пресметува данок на додадена вредност во зависнот од стапката предвидена за предметната стока.

КОИ СЕ ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ КОИ СЕ ПРИЛОЖУВААТ ПРИ ЦАРИНЕЊЕ НА ПОШТЕНСКИ ПРАТКИ?

Поштенските пратки се поднесуваат за царинење со валиден доказ за вредност на стока, на пример фактура, потврда за плаќање, интернет нарачка или извод од понудата. За евентуална друга потребна документација странките се известуваат преку поштенска царинска испостава. Доколку не се достават бараните податоци, царинската вредност се пресметува од страна на царинските службеници врз основ на методите кои им стојат на располагање. Примачот на стоката ако не се согласува со царинската вредност утврдена од царински орган има право да поднесе приговор на така утврдената вредност.

КОИ ТРОШОЦИ ВЛЕГУВААТ ВО ЦАРИНСКА ВРЕДНОСТ?

Во царинска вредност на стоката испратена по пошта влегуваат трошоците за поштарина кои настануваат надвор од царинското подрачје на Република Северна Македонија. Трошоците за поштарина не влегуваат во царинската вредност на стоката која по пошта ги испраќа едно физичко лице на друго, освен кога се работи за стока превезена со брза пошта позната како ЕМС. Во царинската вредност исто така не се вклучуваат и евентуалните дополнителни трошоци кои настануваат во Репубика Северна Македонија, а кои ги наплаќа поштата.

ИЗНОС ДО КОЈ НЕ СЕ ПЛАЌА ЦАРИНА И ДАНОК НА ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ ЗА СТОКА НАРАЧАНА ПО ИНТЕРНЕТ

Од плаќање на царински давачки се ослободуваат пратките чија што вредност не надминува 90 ЕУР, а од плаќање ДДВ се ослободуваат пратките чија што вредност не надминува 22 ЕУР, што значи дека за пратките со вредност до 90 ЕУР се плаќа само ДДВ.

Поштенска пратка Давачки Напомена
Пратки од мала вредност до 22 евра Ослободено од царина и ДДВ Не се однесува на алкохолни пијалоци, производи од тутун, парфеми и тоалетни води
Пратки чија вредност е до 90 евра во денарска противвредност, се однесува на стока од комерцијална и некомерцијална природа Ослободени се од царина, ДДВ се пресметува на пратки чија вредност е поголема од 22 евра Не се однесува на алкохолни пијалоци, производи од тутун, парфеми и тоалетни води
Пратки чија вредност е над 90 евра во денарска противвредност Се пресметува и царина и ДДВ

Со постапката на извоз, царинскиот орган одобрува домашна стока да се изнесе од царинското подрачје. Извозот вклучува примена на формалности за извоз и изнесување, мерки на трговската политика, и ако е пропишано, плаќање на извозни давачки.

Кои основни документи Ви се потребни за извоз?

За секој извоз потребни се одредени документи. Ова најчесто вклучува барем трговска фактура, пакинг листа или испратница и доказ за потекло со цел стоката да не подлежи на плаќање во земјата на увоз. Во зависност од тоа каде и на кого сакате да ги продадете вашите стоки, може да Ви бидат потребни одредени специјални барања (како на пример, поднесување на одреден вид на цертификати).

Важечка трговска фактура е потребна за секоја извозна постапка и таа мора да ги содржи следниве минимални информации:

  • име и адреса на извозникот,
  • име и адреса на увозникот (Ваш партнер за дистрибуција, посредник, краен корисник),
  • адреса на испорака (доколку е различна од таа на увозникот),
  • место и датум на издавање,
  • нето и бруто маса, димензии на пакувањето,
  • точно опишување на стоката,
  • количина на стоката и број и вид на пакувања,
  • цена,
  • услови на испорака и плаќање,
  • земја на потекло.

Дополнителни податоци во трговска фактура

Во зависност од државата, може да биде потребно да се додадат дополнителни податоци во трговската фактура. Исто така, во зависност од државата на испорака, може да постојат различни барања за бројот на примероци на трговската фактура и вид на јазикот на кој е изработена.

Друг важен документ е пакинг листа и/или испратница.
Во зависност од одредишната држава на продажба и видот на стоките, може да биде потребно да се достават и други документи, како што се цертификати за потекло или доказ за потекло, одобренија, цертификати или анализи.

Царинење при извоз + царински тарифен број: Како да постапите?

За да може да се изврши царинењето потребно е да се поднесе царинска декларација. Царинската декларација за извоз може да ја изработите самостојно, во свое име и за своја сметка или да побарате тоа да го направи царински застапник или шпедитер. При пополнување на царинската декларација најважна работа што треба да ја знаете е да правилно да го определите тарифниот број каде се распоредува стоката.

Царински тарифен број

За да се осигурате дека нема да се губи драгоцено време при царинење на стоката, потребно е правилно да биде определен тарифниот број од номенклатурата на Царинската тарифа. На меѓународно ниво, првите шест цифри од царинскиот тарифен број се хармонизирани во повеќе од 200 држави.

Постапка на извозното царинење

Извозната постапка овозможува домашната стока да го напушти царинското подрачје на Република Северна Македонија.

За стоката која се извезува се поднесува царинска декларација (во рубриката 1 од ЕЦД-то се запишува ознаката ЕХМК буква (А,B или Z). Извозната декларација се поднесува во електронска форма.

Извозната декларација, со која се бара изнесување на домашна стока од царинското подрачје, се поднесува кај царинската испостава за извоз, надлежна за надзор на местото каде што се врши поднесување на пратката за извоз.

Секој е-трговец може да користи редовна извозна царинска постапка или поедноставена извозна царинска постапка.

Редовната извозна царинска постапка се прави со поднесување на царинска декларација ЕЦД во електронска форма.

Поедноставена извозна царинска постапка може да се врши во било која подружница на Македонска пошта или со одобрение од Царинската управа за користење на поедноставена царинска постапка.

Ако стоката се извезува преку, пошта, царинскиот орган при излез е оној орган во кој што се превзема стоката под еден транспортен договор, за транспорт во друга земја од страна на поштенските служби. 

Ако стоката се извезува со други средства или околности кои не се погоре наведени,(патен сообраќај) царински орган при излез e последниот орган пред стоката да го напушти царинското подрачје на Република Северна Македонија.


Доколку сакате повеќе информации, преземете го целосниот прирачник за е-трговија.

Преземи
Оваа веб-страница е подготвена со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржините на веб-страницата им припаѓаат на авторите и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.