Е-плаќање
Термини поврзани со е-плаќање
Во процесирањето на онлајн трансакцијата учествуваат 5 субјекти: e-трговец (продавач), купувач (крајниот корисник кој ја врши трансакцијата), “acquirer” т.е прифаќач (банка прифаќач со која соработува е-трговецот), картична организација (Visa, Mastercard, Diners и др.) и “issuer” т.е издавач (банката издавач на картичката на крајниот купувач).
За да може банката прифаќач да ја процесира трансакцијата потребен е “payment gateway” (платежен портал) и платежен процесор. “Payment gateway” е порталот преку кој што банката прифаќач ги добива податоците од картичката на купувачот за понатамошно процесирање. Платежниот процесинг систем претставува техничка алатка која е посредник помеѓу банките и интернационалната компанија која ја издава платежната картичка со цел да се изврши онлајн трансакцијата. Платежниот процесор може да биде сопствен на банката (in-house) или банката може да користи надворешен платежен процесор.
На сликата погоре е прикажан процесот на процесирање на трансакцијата односно автентикацијата и авторизација на една трансакција.
ВАЖНО Е ДА СЕ ЗНАЕ
Е-трговецот нема никаков увид врз податоците од платежната картичка на купувачот, а истите се пренесуваат преку платежниот портал директно до банката прифаќач која потоа преку плтежниот процесор (сопствен или надворешен) ги пренесува информациите до картичната организација која комуницира со банката издавач на картичката на купувачот.
Во Република Северна Македонија пет од вкупно 14 банки ја нудат услугата е-трговија односно се јавуваат како “acquiring” банка – тоа се: Халк Банка, Стопанска Банка АД Скопје, НЛБ Банка, Комерцијална Банка и Уни Банка. Повеќе за можностите, функционалностите и условите кои ги нудат 5-те банки може да прочитате во делот на „Понуда и можности за е-плаќање во Р.С.Македонија“
3D Secure
”3D Secure” технологијата е највисок меѓународен стандард за интернет заштита на Visa & MasterCard картичките на една банка. Стандардот може да се имплементира со статичка или динамичка сигурност за клиентите, при што динамичката сигурност обезбедува значајно повисоко ниво на заштита во однос на можноста за дефинирање на статичка интернет лозинка.
Технологијата овозможува проверка на автентичноста и идентитетот на корисникот на картичката при извршувањето на интернет плаќања со Visa или Mastercard картички. Користејќи ја најсовремената технологија на Visa & Mastercard платежните организации, се врши верификување на е-трансакциите со испраќање на СМС со еднократна ОТП лозинка на купувачот за време на извршувањето на трансакцијата. Притоа за да може да ја комплетира трансакцијата, од купувачот се бара да ја внесе добиената ОТП лозинка (пратена на СМС на неговиот мобилен телефон) со што ќе се верификува автентичноста на трансакцијата.
Механизмот на заштита на ”3D Secure” технологијата е насочен кон заштита од кражба на идентитетот на корисниците на картичките и заштита од злоупотреба на податоците од картичката (бројот на картичка, датумот на истекување и CVC/CVV2 кодот). Се работи за напредна технологија која преставува највисок стандард во областа на заштитата на корисниците на картички при плаќањата на интернет.
Сите 5 банки во Македонија кои нудат е-трговија имаат имплементирано 3D безбедносна автентикација.
iFrame технологија
HTML елемент вметнат во друг HTML документ на друга веб страна. Едноставно кажано во случај на процесирање на онлајн трансакцијата на страната на трговецот, кога купувачот ќе биде пренасочен на веб страната на платежниот портал за да внесе податоците од картичката доколку е овозможен iFrame купувачот нема комплетно да се пренасочи туку ќе му се појави вметнатиот HTML елемент во рамките на страната на е-трговецот.
API (application programming interface)
Можност за поврзување и комуникација на системот на банката со надворешни системи на клиентите. Доколку одредена банка нуди апликативен програм интерфејс, истата отвара можност за е трговецот да може да го поврзе својот систем со системот на банката со цел да автоматизира и олесни одредени административни процеси.
Повторени плаќања [Reacurring Payments]
Претставуваат можност за е-трговците кои нудат услуги на база на членство или други услови за кои е потребна наплата во преодреден временски период (месечно, годишно итн.) да може автоматски да ја извршат истата. На пример, ако купувачот се зачлени за добивање на услуга кај некој сервис провајдер (пр. складирање податоци во облак “Could Storage”, или било која друга услуга која се наплаќа на месечно ниво како Netflix, Spotify и сл.) при што се сложува со условите, повторените плаќања дозволуваат автоматски да се изврши наплатата во одреден период од месецот без потребна активност од купувачот.
Card on file
Можност за зачувување на податоците од картичката на купувачот за идни купувања кај e-трговецот. Оваа опција нуди удобност во купувањето со што купувачот нема потреба при следни купувања да ги внесува информациите од картичката. Притоа, податоците од картичката не се зачувуваат од страна на е-трговецот и истиот нема пристап до податоците, туку тие се пренесуваат во енкриптирана форма до банката која потоа ги чува запазувајќи го безбедносниот протокол и пропишаните стандарди.
Рефундација на трансакции
Потреба за рефундирање на трансакции (поврат на уплатените средства) може да се појави во различни ситуации: купувачот се премисли и сака да ја сторнира трансакцијата, незадоволен купувач кој сака да врати производ и сл. Трговецот донесува одлука за рефундација на трансакцијата и потоа потребно е истата да ја рефундира преку картичниот систем на банката. Рефундацијата моќе да биде целосна (полниот уплатен износ се враќа на сметката на купувачот) или парцијална (делумна – се враќа одреден износ). Парцијалната рефундација е потребна кога купувачот купил неколку производи со една трансакција, а сака да врати само еден производ.
Шеми за лојалност (cashback)
Шемите за лојалност добиваат на популарност изминатите неколку години, а претставуваат начин со кој компаниите ги наградуваат своите клиенти преку “наградување” со поени или одреден процент од наплатениот износ кој им се враќа назад по извршената трансакција. Постојат најразлични видови на шеми за лојалност, а банките како издавачи на картички се јавуваат како партнери на трговците кои ги развиваат овие програми.