Основни информации

На ниво на Република Северна Македонија постојат 40 активни регистрирани пошти кои се под надлежност на националното регулаторно тело во областа на поштенските услуги, Агенцијата за пошти на РСМ. Од нив, 9 пошти покрај со домашна, работат и со меѓународна испорака.

Секој корисник на поштенски услуги има право на универзална услуга која се обезбедува со утврден квалитет по пристапни цени на целата територија на Република С.Македонија.

Универзалната услуга опфаќа:

  • прием, пренос, сортирање и дистрибуција на поштенски пратки со тежина до 2 кг,
  • прием, пренос, сортирање и дистрибуција на пакети со тежина до 10 кг, 
  • препорачани поштенски пратки и пратки со означена вредност и
  • прием, пренос, сортирање и дистрибуција на поштенски пратки за слепи лица и за лица со делумно оштетен вид.

Цените за обезбедување на универзалната услуга, одобрени од Агенцијата, давателот на универзалната услуга е должен да го објави на својата веб страница и во деловните простории наменети за корисници на поштенски услуги.

Обврски на испраќачот

Испраќачот на пратката е одговорен за:

  • внатрешното пакување на поштенската пратка 
  • да ја означи вистинската вредност на содржината на пратката со означена вредност. 
  • за сите штети што ги предизвикала неговата пратка на други поштенски пратки, средства и објекти кај давателите на поштенските услуги поради несоодветно пакување 

Рекламации на пратките

Давателите на поштенски услуги се одговорни за штета настаната на препорачана поштенска пратка, пратка со означена вредност и пакет во случај на: 

  • губење, ограбување или оштетување на пратката и 
  • пречекорување на рокот за достава

Секој корисник на поштенски услуги има право на приговор на одлука, или на постапка преземена од давателот на поштенски услуги во врска со пристапот до услугите и обезбедувањето на услуги. Корисникот може да даде приговор до давателот на поштенските услуги во рок од 30 дена од денот кога ќе дознае за одлуката или постапката на давателот на поштенските услуги.

Давателот на поштенските услуги е должен да прими рекламација и да одговори на поднесена рекламација: 

  • во рок од 30 дена за поштенски пратки во внатрешниот поштенски сообраќај и 
  • во рок од два месеци за поштенски пратки во меѓународен поштенски сообраќај.

Во случаи кога корисникот на поштенските услуги нема да добие одговор на рекламацијата од давателот на поштенските услуги, не му е дадена можост да поднесе рекламација или е незадоволен од одговорот по рекламацијата, има право да поднесе барање за поведување постапка до Агенцијата, во рок од 15 дена по истекот на рокот назначен погоре.

Крајниот купувач доколку има потреба од рекламација истата е ја доставува директно до е-трговецот, а е-трговецот со неговите права и обврски наведени погоре соодветно реагира до поштата по примената рекламација.

Групирани пратки „Consignment“

Поштенските управи можат да се договорат меѓусебно да учествуваат во факултативна услуга за групирање наречена „Consignment“ за групираните пратки од еден испраќач кои треба да се испратат во странство. Подробностите за оваа услуга се утврдуваат билатерално меѓу поштенската управа на потекло и одредишната управа врз основа на одредбите кои ги дефинирал Советот за поштенска експлоатација.

Достава лично на примачот

Со дополнителната услуга – „Достава лично на примачот“ испраќачот при предавање на пратката бара пратката да се достави лично на примачот. Како пратка со дополнителна услуга „Достава лично на примачот“ може да се предаде препорачана поштенска пратка, писмо со означена вредност, ЕМS (Express Mail Service) пратка, пакет и поштенска упатница. Пратки кои се доставуваат лично на примачот мора да имаат ознака “Да се достави лично на примачот”.

Директна пошта

Комуникација која се состои само од рекламен, маркетиншки или пропаганден материјал со идентична порака која се испраќа на поголем број лица и се доставува на адресата што ја означил испраќачот на самата пратка или на нејзината обвивка. Сметките, фактурите и финансиските извештаи не се сметаат за директна пошта. Комуникација која содржи комбинација од рекламен материјал и други пратки во иста обвивка не се смета како директна пошта.

Давател на поштенски услуги

Домашно или странско правно или физичко лице кое обезбедува поштенски услуги согласно со Законот за поштенски услуги.

Давател на универзална услуга

Давател на поштенски услуги кој обезбедува универзална услуга на територијата на Република Македонија во согласност со Законот за поштенски услуги.

Дистрибуција

Процес кој се состои од сортирање во дистрибутивниот центар до достава на поштенски пратки на примачот.

EMS брза пошта - Express Mail Service

Услуга која овозможува достава на пратки во најкраток временски рок во меѓународниот сообраќај по пристапни цени.

Издвоено

Со дополнителната услуга „Издвоено“ испраќачот при предавање на пакетот бара со него да се постапува со посебно внимание. Како пакет со дополнителна услуга издвоено може да се предаде секој пакет без оглед на видот или природата на содржината.

Индивидуална дозвола

Акт кој го издава Агенцијата за пошти на давател на поштенски услуги со кој се утврдуваат права и обврски за обезбедување на универзалната услуга, дополнета со правата и обврските од општото овластување.

Корисник на поштенски услуги

Правно и физичко лице кое како испраќач или примач користи поштенски услуги, – испраќач е правно или физичко лице кое испраќа поштенски пратки.

Мал пакет

Отворена поштенска пратка која содржи предмети со или без означена вредност со тежина до 2 кг. и со димензии за писмо. Малиот пакет може да содржи попис на содржината, технички услови, вредност на стоките и адреса на испраќачот и примачот, но не и пишувано соопштение.

Независно регулаторно тело

Правно лице со јавни овластувања кое врши функции на регулирање на пазарот на поштенските услуги.

Откупнина „ОТК“

Со дополнителната услуга откупнина „ОТК“, испраќачот при предавање на пратката бара пратката да се достави на примачот со претходна наплата на откупниот износ во корист на испраќачот на таа пратка. Како пратка со дополнителна услуга, откупнина може да се предаде при секоја препорачана писмоносна пратка, писмо со означена вредност, пакет и ЕМS поштенска пратка. Со откупната пратка испраќачот е должен да ја предаде и пополнетата поштенска упатница или уплатница (обр. ПП -10), по која ќе биде означен откупниот износ. Откупната пратка не се смета како пратка со означена вредност ако на неа испраќачот не ја означил вредноста.

Општо овластување

Акт со кој Агенцијата за пошти на давател на поштенски услуги му дава право за обезбедување на поштенски услуги согласно со поднесената нотификација.

Овластено лице за вршење надзор

Лице вработено во Агенцијата за пошти со посебни овластувања и одговорности утврдени со Законот за поштенски услуги кое врши надзор.

Повратница „АR“

Со допопнителната услуга – Повратница „АR“ испраќачот при предавање на пратката бара пратката да се достави на примачот со писмено потврдување на посебен образец „Повратница“. Пополнетиот образец се враќа на испраќачот. Повратницата ја пополнува испраќачот и ја предава заедно со пратката.

Пакет

Книжена поштенска пратка со определена големина и тежина до 31,5 кг . која содржи предмети со или без означена вредност. Пакетот може да содржи стоки, пари и други предмети како и пишувано соопштение. Вредноста на содржината на пакетот мора да биде назначена со бројки на левиот долен дел на адресната страна на пакетот. Означената вредност мора да и одговора на вистинската вредност на содржината на пакетот или во дадениот случај , на вредноста на содржината за испраќачот, за што треба да стои изјава на испраќачот во потврдата за предавање на пратката. Последиците од неозначувањето на вистинската вредност ги поднесува испраќачот.

Поштенска пратка

Пратка адресирана со полна адреса која треба да се пренесе од страна на давател на поштенски услуги. Во поштенски пратки спаѓаат пратки за кореспонденција, пратки за слепи лица, директна пошта, книги, каталози, весници, периодични списанија и пакети кои содржат стока со или без означена вредност.

Пратка за кореспонденција

Комуникација во писмена форма на каков било физички медиум која треба да се пренесе и достави на адресата означена од испраќачот на самата пратка или на нејзината обвивка, од страна на давател на поштенски услуги. Книги, каталози, весници, периодични списанија и пакети не се сметаат за пратки за кореспонденција.

Препорачана пратка

Услуга со која паушално се гарантира против ризици од губење, ограбување или оштетување на пратката со која на испраќачот, на негово барање, му се обезбедува доказ за достава на пратката на примачот,

Пратка со oзначена вредност

Услуга со која се осигурува поштенската пратка до вредноста која ја означил испраќачот во случај на губење, ограбување или оштетување на пратката.

Поштенски услуги

Услуги кои вклучуваат прием, пренос, сортирање и дистрибуција на поштенски пратки во внатрешен и меѓународен поштенски сообраќај.

Пристап до поштенска мрежа

Достапност до капацитети, средства, простории и/или услуги на кој било давател на поштенски услуги под определени услови, заради обезбедување на поштенски услуги.

Поштенска мрежа

Систем на организација и средства кои се употребуваат од давателот на универзалната услуга за:

  • прием на поштенски пратки од давателот на универзалната услуга од точките за пристап на целата територија, 
  • ракување и пренесување на поштенски пратки од точките за пристап до дистрибутивниот центар и 
  • дистрибуција до адресата назначена на пратката

Примач

Правно или физичко лице до кое се адресирани поштенските пратки.

Прием на поштенски пратки

Постапка на преземање на поштенски пратки од страна на давател на поштенски услуги.

Резервирани поштенски услуги

Прием, сортирање, пренос и дистрибуција на пратки за кореспонденција во внатрешниот поштенски сообраќај и на пратки за кореспонденција кои пристигнуваат во Република С. Македонија од меѓународен поштенски сообраќај, со тежина до 50 гр. Во резервирани поштенски услуга спаѓа и директната пошта во рамките на истото ограничување за тежина.

Следење на пратки

Следење на статусот на пратката преку т.н. тракинг број или код

Стандардизиран пакет

Пакет чија содржина е спакувана во поштенска стандардизирана и типизирана амбалажа, или во некоја друга амбалажа која во поглед на димензиите и техничките карактеристики ги исполнува истите услови како поштенската амбалажа.

Гломазен пакет е оној пакет кој има некоја од следниве карактеристики

  • која било димензија преминува 50 см;
  • кои било две димензии, земени одделни, преминуваат 30 см;
  • поради особената форма не може да се сложи со другите пакети;
  • има тежина поголема од 5 кг;

Ако пакетот е гломазен по повеќе основи, гломазноста се зема само по еден основ.

Субјект на надзор

Правно или физичко лице кое врши поштенски услуги над кое се врши надзор.

Точки за пристап

Сите видови на физички објекти на давателот на универзална услуга, вклучувајќи ги и поштенските сандачиња поставени на јавни места или во просториите на давателот на универзалната услуга, каде што поштенските пратки можат да бидат предадени од корисниците.

Универзална услуга

Пакет од определени поштенски услуги кои постојано се обезбедуваат на целата територија на Република С.Македонија, со определен квалитет и по пристапни цени за корисниците на услугата.

Закон за поштенските услуги ( Неофицијален пречистен текст )

Оваа веб-страница е подготвена со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржините на веб-страницата им припаѓаат на авторите и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.